Домашно приготвена козметика со мед

Медот е идеално козметичко средство кое се користело од антички времиња и во различни култури за лечење на проблемите со кожата и за естетски потреби. Еве неколку рецепти за козметички средства кои можат да се приготват во домашни услови, а чија основна состојка е медот.

Во антички Рим се приготвувала оваа козметичка смеса за капење, за свежа и нежна кожа: два литри млеко со 200 грама мед се тура во вода со топла вода (36 – 39 ˚C). Наместо оваа древна формула вие можете да ја примените поедноставната верзија што ќе и даде свиленкаст изглед на кожата ако во водата за капење додадете половина децилитар мед.

Во Јапонија, пак, се подготвувала следната маска за лице од мед: еднакви количини мед и брашно се мешаат  со млеко за да се добие кашеста смеса која се нанесува на лицето. После половина час се вади маската и лицето се мие со чај од камилица. Оваа маска и дава млад изглед, свежина, мекост и еластичност на кожата.

За нега на кожата се препорачуваат и следниве рецепти:


Лосион од мед
100грама мед се меша со 25 милилитри алкохол, малку глицерин и 200 грама дестилирана вода, а на тоа се додава малку лимонов сок. Лосионот веднаш е спремен за употреба, а се препорачува за проблематична кожа со акни бидејќи има антибактериски својства. Може да се примени и уште поедноставна смеса од еден литар дестилирана вода (или дождовница) во која се промешуваат две супени лажици мед. Со таквата вода секојдневно се мачка лицето и вратот, бидејќи тоа ја хидрира и храни кожата.

Медот не ја суши кожата, а ги чисти малите акни. Еве уште еден природен начин за справување со акните: Да се измеша децилитар топла вода со 2-3 грама кујнска сол. Да се стави смесата на газа и да се притисне на акната. Да се држи неколку минути врз неа за акната да омекне. Потоа на акната да се нанесе малку мед со вата и да се остави медот да стои 10 минути, па медот да се измие.

За хидрирање на сувата кожа, за мека и нежна кожа, пак, може да се искористи следниот рецепт:
Се меша мала лажица мед, лажиче маслиново масло и малку сок од лимон, па потоа таа смеса се нанесува на рацете, лактите, колената и останатите суви места накожата. Се остава да стои десет минути и потоа се мие со вода.

Наједноставен рецепт за здрава и убава кожа е таа да се мачка со претходно промешани еднакви количини превриена вода и мед. Со ваквата мешавина најдобро е лицето да се мачка навечер, а наутро да се измие.

Докажано е дека комбинацијата на мед и цимет може да ја спречи појавата на лишаи, егземи, мозолчиња, акни и слични инфекции на кожата, доколку лицето редовно се третира со мешавина од еднакви делови мед и цимет. Против акни се мешаат три големи лажици мед и една мала лажица цимет. Смесата се нанесува на заболените места секоја вечер пред спиење.

Доколку имате сува кожа која често ви се перути, пробајте ја оваа маска направена од мед и јајца. Изматете едно јајце и додајте една голема лажица мед и убаво измешајте ги. Нанесете ја маската на вашето лице и оставете ја да делува 15-20 минути. Потоа измијте го лицето со млака вода. Постапката повторувајте ја неколку пати неделно.

За да го спречите настанувањето на акни, директно нанесете една лажица мед на чиста кожа. Оставете го да отстои околу 15 минути, а потоа измијте го лицето со топла вода. За да се решите од акните, пред легнување можете да нанесете мед директно врз појавеното мозолче, а потоа прекријте ја со мало парче газа. Медот ќе го стерилизира местото околу мозолчето и ќе го спречи ширењето на бактериите.

Знаете некој друг рецепт со мед кој можеби Вашата баба го користела како приридно козметичко средство? Споделете го Вашето знаење во коментарите. Да не оставиме народната мудрост за лечење и негување на убавината на природен начин да остане заборавена.