Мариовски бртви

Желбата за сладок мед ги натерала луѓето да посегнат во внатрешноста на пчелните живеалишта, и така се појавија првите пчелари. Медоносната пчела се населувала во шуплини на дрва и камења, па не поминало долго време пред луѓето да сфатат дека тие пчелни живеaлишта можат да бидат употребени повеќе години. Тоа е идејата која ги “родила“ мариовските бртви.

Најстариот доказ за користењето на пчелни производи , потекнува од пред 9000 години, пронајдени траги од восок на керамички садови на територијата на денешна Турција.  На нашиве краеви недостасуваат археолошки докази кои укажуваат на раната употреба на пчелни производи, но изобилува со раскажувања за медоносноста на мариовскиот крај за време на владеењето на Отоманската империја. Воедно Мариовскиот крај имал и посебно место, често како вилает на ценети државници од тоа време…
А таму медот , во тие рани времиња, потекнувал од бртвите.

Бртвата е човеково здание, дупка во каменот, исклесана камара со преден капак. Предниот капак се лепел со кал и лепешка  на пролет, а на есен се отварал и се земал медот. Иако постапката на вадење на мед била погубна за пчелното друштво , ова се практикуваво по целата должина на кањонот на реката Црна река, од Скочивир па до Врпско. Но тоа  место , од памтивек па до сега, претставува одлично живеалиште на медоносната пчела. Тоа и помогнало таквото примитивно пчеларење да биди одржливо и Мариово да биди еден од најголемите производители на мед  во тие антички времиња.

И денешно време, во пролет, кога медоносните дрва ќе расцватаат, повеќе стотици роеви од Пелагонија се упатуваат преку планините барајќи ги бртвите. И денес се користат. Кој знае , ги користи. Но не за производство на мед, туку како стапици за роеви. И изненадува нивната ефикасност, што од позицијата, или можеби некаква прастара магија виси над нив и секогаш омилени на пчелите, во пролет “ловат“ нови роеви.

пример на мариовска бртва во близина на селото Крушевица

Е сега и збор-два, за “магијата“ на бртвите која секогаш ефикасно ги кани пчелите.
Лоцирани на височинки и покрај реки, а во поново време функционира дури и покрај патишта или далекуводи за струја. Пчелите при нивните летови “сакаат“ да ги користат  таквите траси.  Од друга страна, долгата употреба на бртвата резултирала да нејзината внатрешност биде целосно покриена со прополис, кој дава прекрасен мирис кој пчелата го чувствува и на поголеми растојанија. И нормално тоа што по состав се од камен, им дава одлична термичка изолација. Па пред самото вселување на ројот, кога пчелите извиднички се населат во новиот дом, температурниот комфор е еден од факторите кој го привлекува ројот.

Оттука вадам заклучок, стапицата за роеви треба да биде поставена под сенка, во близина на улица или река, покрај некоја “впечатлива“ карпа. Треба да мириса пријатно на пчелин восок и прополис. Не е точно дека треба да биде во близина на пчеларник.  При роењето пчелите поминуваат и по 10 па и 20 km.

пример за импровизирана фаќалка на роеви

напишал: А. Тренчески