Спаси ги пчелите

Сите знаеме , пчелата сака цветови. Но она што поретко го помислуваме дека на цветот му е неопходна пчелата.

Денес се познати повеќе од 2500 видови на пчели. Различни по боја и изглед. Едно им е заедничко, сите се врвни опрашувачи. Привлечени од цветот собирајќи поленов прав го разносуваат. И така од поодамна. Уште од времето на првите цветови.
Некои од нив со толку уникатни способности, пример, бумбарестата пчела (родот Bombus) прави вибрации кој овозможуваат ослободување на полен кај цветот од домат.

Бумбареста пчела (род Bombus)
Некои се уникатни поради времето во кое се појавуваат, големи и мали, ги одржуваат цветовите шарени.

Од цвет на цвет
Мала пчела брза ита
Да собере мед
Да наполни пита

Кога станува збор за пчелите најпопуларна е Медоносната Пчела ( Apis Mellifera), но таа и не е главниот полинатор. Се разбира во недостиг на другите пчели, кај големи плантажи со монокултура, и медоносната пчела ја прави работата завршена. Проблемот кој се јавува кај монокултурата е присуството на цветови само кратко време од годината. Недостигот на храна прави да тука и нема “диви“ пчели, па земјоделецот ги воведува медоносните пчели како полинатор. Ова главно се применува во Америка, но во поново време и во Европа се намалува бројот на полинатори, па во одредени реони се ангажираат пчеларите да извршат полинирање на плантажите.

Пчелата, како и секој организам е подлежен на болести и паразити. Во минатите години кај одгледуваната пчела се појавија помори предизвикани од вируси но и од прекумерна употреба на пестициди. Поради глобализацијата во светот, човекот го пренесе и паразитот вароа (крлеж кај пчелата) и после осумдесетите години на 20 век европската пчела не опстанува без помош од пчеларот. Но иако се изгубија медоносните пчели во природата (овде мислам на европската пчела, африканизираната со нејзината агресија е отпорна на вароа), не се тие чиј опстанок е најзагрозен. Се разбира пчеларот ќе направи се за нивниот опстанок.
Но што правиме со уште повеќе од 2000 видови кои се загрозени со промените кој ги воведовме на планетата. Губењето на шумите. Полињата засадени со монокултури, и уште полошо напрскани со инсектициди и пестициди. Градовите поплочени , а парковите еднолично зеленило. Во очите на пчелите тоа е пустина.

Во поново време правени се бројни истражувања со цел да се утврдат предизвикувачите на големата смртност кај одгледуваните пчели. Се посочуваат, како главни виновници, пестицидите и вароа крлежот како пренесувач на вируси. Угинувањето на пчелните друштва е тесно поврзано со угинувањето на единката пчела работничка, а со тоа и смалување на бројот на пчели во кошницата

Со понатамошна анализа на реоните во кој медоносната пчела е најуспешна се добива впечаток , поради големиот број на кошници, дека присуството на вируси и паразити кај пчелата е драстично поголемо. Исто така, поради земјоделската развиеност, тоа се подрачја со највисока употреба на инсектициди и пестициди. Но и покрај тоа, пчелите најдобро опстануваат. Кога се побара која е уникатноста на таквите предели се доаѓа до големата пазновидност на вегетативниот свет. Оттука може да се извлечи заклучок, угинувањето на пчелите е воглавно поврзано со губењето на животната средина на која се прилагодиле да живеат. Се смалува површината со шуми. Ги губиме површините со диви цветови. Еве конкретно, кај нас, еден од проблемите е навиката на сточарите да ги палат пасиштата, а со тоа ги унуштуваат ливадските цветови.

Сега е време и да го отвориме прашањето:
Што можи да направи еден сам човек и да ги спаси пчелите.

Универзален одговор е, цветна оаза, миризлива градина, да се засака цветот. Дури и една мала цветна градина, локално, го обезбедува опстанокот на некои од пчелите. И другиот фактор , живеалиште.

Иако трудот на единката, (не мислам на поимот човек, туку свесно суштество – хуман човек, свесен за нашата тесна врска со природата), изгледа залуден и многу мал во споредба со огромната површина на светот, но од друга страна го обезбедува, локално , опстанокот на неколку видови на пчели. Да секоја цветна градина го прави тоа. Или ако појдиме и подалеку, кога градските тревници би се замениле со посев од диви цветови, ќе го разубават градот а и ќе ги преполоват трошоците за нивно одржување.

“хотел за пчели“

И се разбира како и куќичката за птици во градината може да има и куќичка за пчели. Овде да напомнам дека повеќето видови на пчели живеат сами и ја изгубиле потребата за одбрана. Воопшто немаат жлезди за отров ниту пак осило. Тоа ги прави потполно безопасни.

Да си помогниме себе, да ги спасиме пчелите, зошто иднината без цветови ќе го изгуби шаренилото,.. или барем на храната помислете …

напишал: А. Тренчески